Ограничувањата се раѓаат во нашите мисли. Попреченоста е состојба на умот!
Бројни години искуства доведоа патувањата на одмор да ни претставуваат вистинско уживање. Го пренесувам нашето искуство за летно уживање, кое се надевам ќе послужи некому.
За едно летно патување да ги има предусловите за пријатен одмор треба да подразбира одличен баланс помеѓу подготвеноста, пристапноста, поседувањето адаптирани помагала и соодветниот транспорт до целната дестинација и секако на местото за уживање. Треба да се има на ум дека за прекрасно патување особено важно е вашата придружба и лицата кои патуваат со вас, односно нивната свесност за тоа каде одите, што ќе правите и какви задоволства ве очекуваат, а на крајот и какви се обврски ги очекуваат.
Пребарување на опции за летување
Лично користам две апликации кои се најпопуларни, Booking и Airbnb кои се одлични во поглед на условите кои мора огласувачот да ги нуди и информациите кои се однесуваат на објектот. Истите мора да се стриктно нагласени, па оттаму пребарувањето е далеку полесно. Во рамки на алатките имате и филтер за пребарување по пристапност и адаптираност за ЛсП. Но, искрено скоро никогаш не го користам, затоа што тој филтер скоро секогаш нуди најскапи алтернативи – претежно луксузни објекти или апартмани кои порадии дополнителните олеснувања чинат многу, многу повеќе. А тоа само по себе претставува исклучувачки фактор во пребарувањето на најсоодветно сместување.
Пристапност
При секој одмор нашето пребарување треба да е направено соодветно порано, со цел да имаме поголем изборот на оние локации кои се пристапни и одговараат на нашите потреби. Јас секогаш тоа го правам минимум 2 месеци пред патувањето, по можност и пред започнување на летото, во мај или најдоцна на почеток на јуни(доколку патувам крај на август).
Пребарувам објекти кои имаат широки врати во целиот објект, а поготово на влезот или до бањата. Секако лифтот е опција, но доколку се работи за станбен објект, комплекс апартмани или хотел внимаваме да немаме физички/архитектонски пречки(скали, стрмни рампи и угорници). Најпрво, за да го утврдам тоа ги погледувам фотографиите на огласот. Доколку тоа е невозможно да се утврди од фотографиите, тогаш испраќам прашање до сопственикот, дали пристапот пред и до апартманот/собата е без пречки и дали внатре во објектот е се според моите потреби. Понекогаш барам и сопственикот да ми прати фотографии од пристапните простори до објектот, вратите, бањата.
Адаптирани помагала
Секоја година се обидувам да најдам најповолно решение, како за мене, така и за мојот придружник. До пред неколку години имав резервна лесно склоплива алуминиумска количка, која ја употребував исклучиво за плажа. Користењето на количка е поволно, но не е долготрајно решение. Количката е голема и одзема голем дел од багажниот простор, а дополнително имаат стотици делови кои може да се заглават или да насоберат р’ѓа, прашина, песок. На првата количка која ја поседував и бев приморан да ја користам и за плажа, по само едно лето и се расипа осовината, а лагерите ми се распослаа низ цел центар на Скопје, веднаш по одморот.
Втора можност е да имате некој кој ќе ви помогне со проектирање и изведување на помагало. Во прилог праќам мој проект од годинешниот изум, кој даде одлични резултати, поготово на утапкан ситен песок, но одлично се справи и на покрупен песок, па и на камчиња. Секако, за движење по нерамна подлога треба да се подиздишат гумите за полесно маневрирање.
Лежалката е произведена од метал и тврд материјал убаво сошиен и цврст, со најлонска подлога, со потпирачи од цврста пластика. Гумите се со пумпање, не со полн профил, и служат за колички за транспорт на роба или градежен материјал. Истата е фиксирана само на една позиција, но размислувам за додавање на уште две тркалца напред и подесување на позицијата на минимум три наслони.
Целосниот трошок е 3500 ден(лежалка:1700ден, гумиХ2:800ден, иноксен профил како осовина: 300 ден, работна рака: 700ден).
Најбитна работа при изведување на сопствено помагало, која треба да се има предвид е мајсторот да има желба и трпение 🙂
Начинот на користење е едноставен. Осигурајте се дека сте безбедно поставени на лежалката, направете проба во место со подигање на предниот дел од придружникот пред да ја користите, за да проверите дали ви одговара позицијата на седење и балансот е соодветен. Еве како – на предниот дел од лежалката има две ивични дупки во материјалот, придружникот треба да ја фати во тој дел конструкцијата и да го подигне предниот дел под агол максимум 20-25% и по тој агол да влече. Доколку вашите раце се потполно функционални можете полека да ги вртите тркалцата во насоката на движење, да помогнете на оној кој ве влече. Но, внимателно и полека, за да не направите дисбаланс на придружникот, кај кого е главната сила на влечење и движење.
Придружник
Придружникот е тој кој ќе ви помага за влегување и излегување од вода. Треба процесот да се изведува внимателно. Постои ризик при повлекувањето од страна на придружникот да ве повлече со предниот дел малку повисоко, оти така е полесно влечењето. Но, тогаш тежината паѓа на задниот дел и автоматски ја превртувате лежалката наназад и високо и ќе почнете да се превртувате, а од тој момент нема назад. Придружникот во таа состојба не може ништо да стори за тоа да го спречи.
Транспорт
Транспортот е еден од најбитните елементи за комфорт, лагодност и уживање во вистинска смисла на зборот.
Не заборавајте го своето перниче за седење, доколку користите количка – тоа е перничето кое го користите. Перничето помага во потисокот што се прави на долниот дел од кичмениот столб и на задникот. Положбата на нозете е исто така битна.
Исклучително важно е да менувате положба, па почестите застанувања не се лоши за да се протегнете, смените положба на седење или пак за размрдување и подобра циркулација.
Доколку вие сте возачот, препорачувам да се менувате со уште еден возач, како би имале простор и време за да одморите.
Јас конкретно уживам во возење, па и подолги патувања не ми претставуваат тешкотија. Секогаш добра оција е на задните седишта да располете сунгереста постилка како за на плажа и доколку сакате, додека друг ве вози вие да си одморате. Предолгото седење знае да предизвика притисок кој ќе резултира со отворени рани во делот на задникот или долната кичма. Запомнете – одиме на уживање, не на форсирани патувања.
Кратките релации од и до плажа не би требало да се преголем предизвик.
Битен совет за транспортот е околу позицијата на лицето со попреченост да нема предмети кои би можеле да го натрупаат или да го повредат, како торби, ќеси или во недостиг на багажен простор овошје(лубеници и дињи).
Најдобредојден уред во возилото е климатизацијата. Без него треба дополнително да се внимава и планира патување во периоди кога топлината не влијае на психо-физичката состојба на патниците.
Транспортот треба да е пријатно искуство!
Неопходности
- Патувајте безбедно, изберете го најсигурниот, а не најкраткиот пат. Бирајте мудро. Возете екстремно внимателно доколку употребувате рачни команди. Возењето навечер, поготово по тесни и завиени патишта е многу ризично. Избегнувајте конзумирање алкохол во целост и секогаш кога сте зад волан. Доколку возењето под дејство на алкохол кај лица без попреченост е ризично, кај нас тој ризик е неколкукратно поголем!
- Секогаш е полесно да патувате во група, но и да патувате со уште едно лице, е сосема во ред. Бар јас тоа го практикувам. Но, пред тоа да го сторите лицето/ата со кои ќе патувате мора да се информирани какви обврски би ги очекувале. А, тоа се пренесување на торби, секогаш кога тоа е потребно, пренесување на помагала од и до плажа од плажа до вода и назад, помош при транспорт од/до возило,. од/до плажа, од/до сместувачкиот капацитет. Имајте предвид за вашите потреби за слободно и неограничено движење, преференции за одредени места на уживање, плажи, безбедни водени површини, ризик од преголеми ветришта, поготово на песокливи плажи.
- Вашето тело е дополнително изложено на надворешните фактори како сонце, топлина, или други природни фактори, како камења, песок, парчиња стакло, боцки и сл. Секогаш уживањето доаѓа на крај. Најпрво мора да се осигурате дека патот до тоа уживање е безбеден. На пример, при влегување во возило проверете дали пластичните или кожените делови не се прежешки, изолирајте ги со крпи за плажа и вклучете ја климата во возилото пред да патувате. Истото важи и за плажите, внимавајте на вруќиот песок, проверете ја топлината со рака доколку чувствувате или вашиот придружник нека го стори тоа за вас. Вашиот придружник или вие, доколку имате целосно чувствуво проверете со раката или ногата подолго за да сте сигурни дека не предизвикува опасност за вашите екстремитети и тело.
- Користете препарати со висок фактор на заштита. Тоа значи над 30. фактор. Секогаш кога сте директно изложени на сончеви зраци телото покријте го со подебел слој на заштитна крема. Пред влегување и по излегување од вода намачкајте се убаво. Главата секогаш заштитете ја со капче, шеширче, а очите со прописни очила за сонце.
- Вршењето нужда е основна потреба и неопходност. Јас лично користам шише од ладен чај со широко грло. Визуелно на некој ќе му излгеда едно, а на нас ни служи за друго. При обавување на оваа потреба секогаш се покривам со широк пешкир за плажа, а по извршената активност шишето го ставам под лежалка или под алишта, прикривајќи го. Имајте предвид дека кај секој е различно. Конкретно јас имам чувство за тоа кога имам физиолошка потреба. Кај оние кои немаат и извршувањето е спонтано можеби би можеле да користат крпа која впива или пак да имаат помагало, како кондом-катетер. За дамите не би можел да дадам совет, но можеби некоја од вас ќе сака да пренесе искуство за да помогнеме на оние кои заслужуваат да летуваат и уживаат во животот. Носењето на анатомска пелена е алтернатива која е најбезболна.
Имајте прекрасен одмор и уживајте во сите убавини кои животот и природата ни ги нудат!
Одговорно секако!
ПС. Бонус фотографија – Залез на сонцето над Јадранско море