Пребарај

Првото кафе-муабет / Блог 1 – Шарени различности

Додека сонцето надвор ги галеше лисјата како нежна свила на нечиј врат, на тоа жешко летно утро во Скопје, Ирис најде спокој и засолниште во својата самотија, на место кое го познава како нејзиниот дом; омилената книжарница.

Тивко се движеше во делот за поезија, а кога се наведна да земе една книга од подолните полици, забележа нешто несекојдневно.

Вниманието ѝ го привлече мелодичниот ритам на тркала од инвалидска количка кои се движеа по полираниот под, шепотејќи приказни на издржливост. Ја крена главата нагоре и нејзиниот поглед беше дочекан од големи зелени очи на една девојка.

Девојката имаше бујна виткана коса со различни нијанси на златно. Претпостави дека е малку постара,  беа со слична градба и висина, барем колку што можеше да процени. Ирис веднаш забележа како девојката зрачеше со тивка самодоверба.

Откако поминаа неколку секунди, наеднаш ја наведна главата, засрамена. Девојката благо се насмевна. Здраво! одекна енергичен и самоуверен глас

„Здраво“. Oдговори Ирис.

„Извини што ќе те измачам, но дали може да ми подадеш книга од погорните полици? Не можам да ја стигнам, сѐ уште не сум пораснала толку.“ Девојката рече шеговито.

„Да, да. Се разбира, која ти треба?“

„Ета таа, со црните корици.“

Ирис веднаш ја препозна книгата, колекција на песни од Петре М. Андреевски. Кротко се насмевна, сеќавајќи се на сите пати кога ја читала. ‘Јас сум Ирис’, ѝ рече, подавајќи ѝ ја книгата.

„Невена. Си ја читала книгава?“

„Да, многу пати. Морав да ја прочитам „Пиреј” во средно, па потоа сакав да прочитам сѐ од Андреевски. Навистина вреди. Пишувал многу искрено за издржливоста на нашиот народ, за љубов, за неговото детство.“ Продолжи да објаснува уште неколку минути за содржината, а кога се сети дека веќе долго зборува без прекин, само се насмевна и застана сред реченица.

Невена нежно помина со дланката низ корицата, небаре галејќи ја. „Да не си случајно за кафе? Требаше да се сретнам со другарка ми, но само што ми откажа.“

„Супер, ќе ми биде задоволство“, одговори Ирис, без многу да размислува, но и малку затекната од брзината со која се одвиваа настаните. Низ главата ѝ поминуваа милион прашања.

Дали до книжарницата дошла сама или некој ѝ помогнал? Ако дошла сама, како успеала да помине низ калдрмите по улиците? Дали треба да и понуди помош или ќе ја навреди?

Колку години има? Што и се случило за да биде во количка? Седнаа во кафулето кое е во склоп на книжарницата и нарачаа две кафиња. Почнаа да разговараат и не требаше многу за да сфатат дека имаат многу сличности и теми од интерес.

После кратко време, Ирис беше обземена со чувство на спокој, како да можат да се разберат без зборови, само со поглед и блага насмевка. Ги поминаа сите теми- друштво, филмови, книги, места каде што излегуваат, детали за семејството. Разговорот течеше сосема природно, без непријатни паузи кои одекнуваат со тишина. Невена беше заинтересирана за факултетот на Ирис, англиски јазик и книжевност и сакаше да дознае што е можно повеќе. 

До сега сум задоволна, веќе 2 години сѐ оди како што очекував, но би сакала да имам повеќе вон-школски активности.

Барам организации за младински активизам, но сѐ уште го немам најдено тоа што одвнатре ќе знам дека е правилно. Ти не би сакала да се запишеш на факултет?“

Невена го сведна погледот кон шолјата со кафе и почна да го меша со лажичката. Изгледаше замислена, а во очите ѝ се приметуваше доза на тага.

„Искрено, многу сакав, но, кога беше време за упис ми се случи несреќата и не бев во состојба. А, сега, и да сакам, нема услови во нашите факултети, прашање е дали воопшто постои еден со пристапност.“

„Како мислиш нема пристапност?“ Праша Ирис, целосно збунета за темата која несвесно ја отвори.

„Нема лифтови, а нема ни рампи кај што можам да поминам. Немам физичка пристапност, а за предавања он-лајн не постоеше никаква можност.“

Голтката кафе ѝ застана во грлото на Ирис кога ја слушна последната реченица. Никогаш до сега не ни помислила на таа тема. Почна да размилсува за сите места низ Скопје во кои нема пристапност.

Се засрами, овој пат од самата себеси. Како е можно да бидам толку себична и да не помислам на тие работи? Зарем толку сум несвесна за сѐ од кое не сум лично засегната? Сe запраша самата. 

Обидувајќи се да го пробие превезот на тишина која несетно се спушти, и самата се изненади од сопственото прашање : „Може да те прашам што се случи? Мислам, на несреќата.“

„Имав сообраќајна несреќа. Кога се разбудив не можев да ги осетам нозете. Докторите ми рекоа дека со многу физикална терапија може да има мало подобрување, но ме посоветуваа да не се надевам многу“- oбјасни Невена- набрзина, со голема оддишка на крајот.

Редеше ситни детали и случки со еднаков глас и со само навестени гестови, во едноличен и неутрален ритам. Сакаше да навлезе во повеќе детали, но не се чувствуваше како да дошло времето за тоа. 

„Многу ми е жал“ рече Ирис, несигурна дали одговорот ѝ беше пристоен.

„И мене, но искрено, поминаа доста години од тогаш и листата на работи кои не можам да ги правам е кратка. Си го сакам животот и сум благодарна за сѐ што имам.“

Ирис сакаше да дознае повеќе, но мораше да се врати дома. Не прозбори ништо неколку секунди, обземена со благо-горко чувство на возхит и безпомошност.

„Дали би сакала повторно да се сретнеме деновиве?“ Праша Ирис.

„Морам да одам сега, но би сакала да дознам повеќе за твојата приказна. Ти треба помош до дома?“

„Не, фала ти, можам сама. Може да се сретнеме пак утре тука во исто време.“

„Може, се гледаме. Навистина ми беше мило што те запознав.“

Откако се разделија, воздухот се чинеше исполент со можности и надеж, оставајќи ги Ирис и Невена со чувство дека нивните патишта не се вкрстиле случајно, туку да поттикнат нешто убаво и моќно кое допрва треба да се распреплетува.
Picture of Георгина Коминовска

Георгина Коминовска

Автор на блог - серијалот „Шарени различности“

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.