Пребарај

Промените зависат од нас самите / Блог 2 – Шарени различности

„Кутро девојче наше, за што ќе живее сега? Што ќе прави? Што ќе работи? Пазете, може цел живот депресии да ја јадат од ова.“ - тоа беа зборовите со кои се разбуди Невена следното утро.

Не се случуваше често, но, понекогаш такви соништа ѝ се протнуваа низ мислите навечер. Гласовите беа на членови од семејството и некогашни пријатели кои гласно ја изразувале својата загриженост после несреќата, неразмислувајќи како тие ставови звучат од спротивната страна. 

Невена ги отвори очите, оросена од ладни капки пот преди-звикани од немир и грчеви. Проба да ја фати кутијата со антиспазмотици која стоеше на наткасната до креветот. Се исправи, го потпре грбот на перницата и со чаша вода голтна две таблети. Ги затвори очите и ги почувствува горките наслаги на грлото, делумно од апчињата, а делумно од предрасудите кои некогаш ги имала преголтано. Почна да дише длабоко и ја насочи енергијата и силата кон денот што следува. Помисли на Ирис и на договореното кафе подоцна.

Ќе биде убав ден – си помисли самата, но сеуште главата ѝ беше замаглена од немирната ноќ. Веројатно, тоа што го помисли беше обид на самоубедување.

Со цела сила, мајка ѝ, Дона, влезе во собата.

„Ах, си се разбудила веќе. Ајде, што сакаш да ти направам за јадење?“. Продолжи да зборува, а Невена, со нејзиниот енергичен глас кој одекнуваше низ собите, ја прекина бидејќи сакаше да ја започне утринската сесија на јога и медитација.

Мајка ѝ излезе од собата, сфаќајќи дека не секој е расположен за муабети од рано рано. 

Дона беше секогаш гласна, не само наутро. Откако ѝ се случи несреќата на Невена, мајка ѝ си постави цел во нивниот дом секогаш да има смеа и глас – ако не може да има влијание врз тоа што се случува надвор од домот, може да има влјание врз тоа што се случува внатре. После половина час, се врати да ѝ помогне на Невена да избере алишта и да го заврши остатокот од утринските обврски, па заедно седнаа да јадат.

“Кај ќе одиш?”- Праша Дона, зачудена бидејќи не ги знаела однапред плановите на ќерка си.

„На кафе со Ирис, една девојка која ја запознав вчера. Има некоја енергија девојчето кое ме привлекува. Ми дава некое чувство, тешко е да се опише. Ми се прават работи, мама. Сакам повеќе да излегувам, да се запознавам со луѓе. Можеби е и време пак да почнам да цртам.“

Вистина беше. После несреќата, цртањето ѝ одеше тешко. Како да била мало девојче и некој да и ги земал боичките.

„Знам, миличка“- одговори Дона со тежина во гласот. „Што и да одлучиш, што и да ти се прави, тука сум. Само сакам да си многу претпазлива. Знаеш, така?“

Невена само кимна со главата, знаејќи дека нема потреба од повеќе зборови. Набрзина го заврши појадокот и излезе од дома. Дона, иако веќе беше навикната Невена да прави речиси сѐ сама, на секое нејзино излегување од дома, дел од срцето ѝ заминуваше со неа. Таа знаеше дека духот на Невена не може да се скрши така лесно и дека е само прашање на време кога повторно ќе ѝ се врати креативноста. 

Невена стигна до лифтот и забележа дека е преполн со луѓе па дојде до таа незгодна ситуација каде што неколку-мина мораа да излезат за да има место за неа. Не ѝ беа пријатни таквите моменти. Никогаш не се навикна да се потпира на други. Не можеше да се воздржи да не се насмее на иронијата.

Направија место и влезе внатре. Додека лифтот се спушташе, се сети на денот кога се преселија. Неколку недели после несреќата мораа да излезат од зградата каде што живееја бидејќи не беше прилагодена за човек во количка, со скали на влез и лифт кој многу често не работеше. 

Живееше во близина на книжарницата каде ја запозна Ирис па не мораше да бара такси или користи автобус.

Воглавно секогаш ги избегну-ваше; рампи за влегување кои не работат и неоубечени возачи кои треба да асистираат не ѝ беа омилена глетка, особено не на почеток на самиот ден.

Излезе од зградата и се спушти на тротоар. Кога беше во близина, наеднаш тркалцето се заглави на калдрмата и за малце ќе излеташе на патот. Потресена, пополека почна да ја враќа количката наназад. После неколку минути, успеа да го одглави тркалцето па продолжи напред.

„Некој ден раката ќе ја скршам на нерамниве патишта“- си прошепоти самата.

Кога стигна, Ирис веќе беше седната на истата маса како минатиот пат. Стана од столот кога ја виде и тргна да ја прегрне. 

„Здравооо!“ – викна гласно, со возбуда која беше видлива за секој човек во кафулето.

„Здраво, мила. Извини што доцнам, го заглавив тркалцето во калдрмата.“

„Леле, добро си? Да не се повреди нешто?“- праша Ирис загрижена. 

„Не, не. Знае тоа да се случи, такви ни се улиците. Немам гајле.“

„Додји ајде, ти направив место.“ – рече Ирис, покажувајќи кон празното место до нејзиниот стол. 

Невена веднаш забележа дека очите на Ирис светкаат со возбуда, а таков и беше и говорот на телото, нон-стоп ја мрдаше ногата горе-долу. 

„Имам една возбудлива вест – не ми се верува дека веднаш после разговорот со тебе најдов нешто вакво. Види колку среќа ми носиш!“- рече Ирис, гледајќи  во екранот од телефонот.

Невена се насмеа гласно и почуствува милина. „Ајде, кажи ми, за што се работи?“

„Другарка ме покани на еден настан, Фестивал на инклузија. Ќе има работилници, изложби, дебата, филмски проекции, музика… од сѐ по нешто.“

„Фестивал за инклузија велиш?“ - заинтересирано праша Невена. „Баш сега ѝ кажував на мајка ми дека сакам повеќе да излегувам и да запознавам луѓе.“

Почна да се смешка и продолжи: „Знаеш Ирис, ти си можеби првата после многу долго време која ме повика на настан не зошто мислиш дека треба, но бидејќи искрено сакаш да сум таму. Обично луѓето не ми ни спомнуваат, не знаат како би реагирала, дали би можела или сакала. Не знам, можеби си мислат дека само чекам да поминат деновите и дека ништо не правам. Не се лутам на никој, знам дека и самите се несигурни во тоа што го зборуваат и прават. Јас само би сакала сите поотворено да можеме да си зборуваме. Меѓусебно да си влеваме доверба. Незнаењето има едноставно решение; можат само да ме прашаат. Не треба да избегнуваат ситуации во кои ќе им е непријатно. И мене не ми е секогаш најзгодно. Но, во тоа лежи с’ржта на проблемот. Немаме култура на отворена комуникација. Од мене се очекува малку, иако можам да постигнам многу повеќе. Затоа, фала ти, го ценам тоа.“ Ја крена главата нагоре и погледот го насочи кон шарениот таван и издиша длабоко. Како товарот кој го носела на рамена веќе да почнал да се намалува.

Примети солзи во очите на Ирис. Таа не очекуваше таков одговор од Невена. Таква искреност, а и реалноста дека толку мали работи можат да имаат големо значење. „Не знам што да одговорам, не очекував… Фала ти и тебе. Ми ги отвораш очите за многу работи, еден нов свет за кој бев несвесна.“

Ирис ја погледна во очи и рече. „Ајде, ќе одиме. На крајот сите сме само една приказна. Сакам мојата да биде интересна.“

Picture of Георгина Коминовска

Георгина Коминовска

Автор на блог - серијалот „Шарени различности“

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.