Претставници на Здружението Икуалити остварија работна средба со градоначалникот на Општина Куманово. На средбата која се одржа на 28 ноември 2024 година, во просториите на Општина Куманово, претседателот на Здружението Икуалити за афирмација и промоција на правата на лицата со попречености, Гере Трипков и проектниот координатор на проектот Зен 2.0 Караван Ружица Стојановска на градоначалникот Максим Димитриевски му го претставија портфолиото на проекти на здружението во насока на создавање политики и мерки на краток и долг рок во корист на популацијата на лица со попречености, но и од интерес на сите граѓани на општината.

По потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Здружението Икуалити и Општина Куманово (јули 2024 година) оваа средба имаше за цел да иницира можна соработка во областите на заштита на правата на лицата со попречености, образование и културно-општествен живот, за што беше истакната подготвеност од обете страни.
Меѓудругото градоначалникот Максим Димитриевски изрази поддршка за иницираните проекти на здружението од интерес за граѓаните на општината, како Зен 2.0 Караван – проект за млади лидери од 5 општини ширум Македонија, Куманово, Кисела Вода, Гостивар, Битола и Струмица, додека одговорните лица од службите за создавање поголема пристапност во градот Куманово ги информираа претставниците на здружението за превземените обврски и мерки кои успешно се реализираат во релевантните области, како и за оние каде континуирано се работи, а за истите постојат сеуште предизвици.
Општина Куманово е една од локалните самоуправи каде има особен интерес за унапредување на процесот на инклузија и поголема пристапност за лицата со попречености, но и во развивање на мултукултурни политики со особен акцент на младите поколенија.
Во рамки на работната посета на Општина Куманово на претставници на Здружението Икуалити беше посетено и Средното Училиште „Перо Наков“, каде се образуваат над 10 лица со различен тип на попречености. Посетата на училиштето беше предводена од страна на дефектологот Ленче Ј. Милошевска. Во рамки на училиштето обезбедена е соодветна пристапност на надворешниот дел, но постои потреба од натамошно подобрување на инфраструктурата за физичка пристапност, што е и укажано и на претставниците на Општина Куманово.
Здружението Икуалити, започнувајќи од 2025 година поветено ќе делува за создавање на поголема пристапност во образованието, овозможување на поголемо учество во образовниот процес на млади со попреченост, вклучително физичка пристапност, пристапност до образовни материјали, пристапни тоалети и соодветен пристап кон младите со попреченост од службите во образовните институции на сите нивоа.