Пребарај

Повик за учество на лица со попреченост во проект за изработка на облека по мерка и учество на модна ревија /Инклузивно soirée ЗЕН/

Здружението за активно вклучување и соодветен третман на лица со попреченост ИКУАЛИТИ, во рамки на проектот „Инклузивно soirée ЗЕН - инклузивен концерт и модна инклузивна и интеграциска ревија, објавува повик за лица со попреченост, на подрачјето на цела Р. Македонија, кои имаат желба да бидат дел од инклузивна модна ревија на колекцијата за облека, која ќе биде изработена по нивна мерка, а по завршувањето на проектот ќе биде подарена на учесниците.

Настанот „Инклузивно soirée ЗЕН – инклузивен концерт и модна инклузивна и интеграциска ревија“, кој ќе се одржи во последниот квартал од 2024 година во Скопје, има за цел да ги прошири хоризонтите на модната култура, да креира високи вредности во промоцијата на општествена инклузија, толеранција и обединетост и да предизвика интерес за унапредување на процесот на креирање општество со еднакви можности. Како главни актери во овој проект, ќе имаат можност преку модата да ги артикулираат предизвиците, но и сопствените способности и со тоа цврсто да ја манифестираат потребата за активно вклучување и унапредување на квалитетот на живеење на лицата со уникатни способности.

Лицата со попреченост – главни актери на Инклузивното soirée ЗЕН

Лицата со попреченост, кои ќе се пријават и бидат селектирани за учество, ќе бидат директно вклучени во процесот на моделирање и креирање на колекцијата ЗЕН за адаптивна облека. Истите ќе превземат улога на модели и ќе му овозможат на креативниот тим да ја создаде колекцијата по индивидуална мерка и прилагодена на нивните способности. На официјалниот промотивен настан, ќе биде организирана и инклузивна интеграциска модна ревија на која учесниците – модели ќе продефилираат во уникатната и адаптирана гардероба од колекцијата ЗЕН.

Целта на креирањето на првата колекција ЗЕН 

Првата колекција ЗЕН ќе одговори на уникатните способности на лицата со попреченост, како моторичката способност и специфичните физички потреби, а со тоа на нив и на нивните придужници, родители, старатели, асистенти да им го олесни функционирањето во секојдневието. Сите парчиња облека креирани по мерка на учесниците ќе им бидат подарени по завршување на проектот.

Услови за учество

Поттикнуваме лица со разновидни попречености да се пријават на повикот, од 4 до 16 години(со поддршка од родител или старател) и од 16 до 50 години(самостојно или со асистент).

Сите заинтересирани лица можат да се пријават на отворениот повик со испраќање на маил до equalityskopje@gmail.com во кој ќе биде посочено:

  1. Име и презиме;
  2. Возраст;
  3. Место на живеење;
  4. Тип на попреченост/дијагноза; и
  5. Дали лицето користи количка или чекори самостојно(индивидуално или со помагала).

Рокот за пријавување е до 10 април 2024 година.

*Проектот е реализиран од Здружението Икуалити, со поодршка од crowdfunding донации од настанот Донаторски кружок 2023, во организација на Здружението Конект.

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.