„Ирис, ќе се качуваме да делуваме?“ - праша Невена, држејќи го флаерот за „ЗЕН 2.0-Караван“ проектот и возбудена за можностите кои ги опкружуваат. „Да!“ - се насмевна искрено Ирис.
„Драго ми е што зборувавме со организаторот за проектот, а верувам дека тебе ти се поклопува со желбата за младински активизам. Гледаш? Не е како што кажуваат другите, дека тука нема можности за нас како млади. Сеуште има луѓе со надеж и верба во нашиот потенцијал, затоа и јас ќе им верувам на нив.“
„Навистина е така, Невена, но, ако сум искрена со тебе, малку имам страв. Ова е надвор од моја комфорт зона, не знам дали имам толку храброст да успеам во оваа работа без страв.“ Невена помисли како има нешто драгоцено во тоа да си ти тој што ги повлекува другите нагоре. Да си тој што подава рака, а не тој што ги врзува камењата на нозете на другиот. Ја погледна и ѝ ја стави раката на рамо.
„Мила моја, храброста не значи недостиг на страв. Тоа значи дека го чувстуваш стравот, длабоко во себе и дека безрезервно го правиш тоа што е правилно. Верувам во тебе целосно. Во ништо не мора да чекориш сама, се додека имаш некој до тебе кој ќе те држи за рака.“
Тој ден, заминаа од Фестивалот на инклузија со исполнети срца, насолзени очи и мисли преполни со идеи. По патот до нивните куќи, Невена доби идеја која знаеше дека мора да ја сподели со Ирис. „Ми се патува некаде каде што не сум била. Слободни сме сега, проектот сеуште не започнал, а имаш и време пред да почне факултетот, нели? Зошто не го искористиме времето и отидеме некаде? Слободата која ми ја дава патувањето е незаменлива. Мал е светот, Ирис, треба да го шетаме додека сеуште сме благосоловени со време и енергија, нели? Гледање на различни култури, увидувањето на различни перспективи – тоа се работи со бесценето значење. Само да знаеш, малку е поразлично јас кога патувам, бара голема организација.“

Ирис слушаше внимателно, размисли неколку минути и одговори: „Оваа понуда ми дојде во совршено време. И јас сакам да заминам малку, да дишам друг воздух и да си ги средам мислите. И не се грижи за организацијата околу твоите потреби, тоа што треба ќе го направиме.“
Се одлучија за Париз, бидејќи Париз е секогаш добра идеја. Влијание врз одлуката имаше и фактот дека Невена има таму пријатели, кои ги немала видено веќе неколку години, а местото, непознато и за двете.
Следните неколку дена се подготвуваа за патувањето. Се погрижија за потребната документација, потребните лекови, а Невена ја провери состојбата на количката. Таа процедура ѝ беше добро позната – проверка на гумите и лагерите, земање резервни гуми и масло и носењето на сетот со алати.
За среќа, немаше потреба да организираат превоз кој ќе ги земе од аеродромот во Париз до нивниот хотел, пристапен за човек во количка, бидејќи тоа им го ветија пријателите кои живеат таму.
На аеродром се соочија со голема гужва, но затоа, аеродромските асистенти им помогнаа да стигнат први на ред. Пополека и помогнаа на Невена да се смести во седиштето.
„Добро е што одиме со авион, барем тоа е полесна организација. Со автобус или воз е доста покомплицирано. Треба сѐ однапред да се провери. Дали има платформа? Дали ќе е автобусот прилагоден? Дали службите се информирани на време? Одзема и многу енергија и многу време.“
„За среќа, брзо поминавме денес. Сега, уживај во летот!“ – кажа Ирис, листајќи го флаерот од проектот кој уште ѝ стоеше во ташната.
Невена си го почувствува забрзувањето на срцето во моментите кога тркалцата од авионот веќе не беа во допир со земјата и пак го осети истото познато чувство на слобода.

,,Allons-y, ma chérie !” – викна Ирис гласно, смеејќи се со возбуда. „Од каде се знаеш со пријателите во Париз?“
„Тие ми беа друштво во гимназија, заедно седевме на клупите во -Орце-. Заминаа во Париз пред две години. Многу значаен дел од мојо живот. После несреќата беа цело време до мене. Не ме оставија во ниту еден момент да се почувствувам сама или како да сум нечиј товар. Грижата кон мене ги спои да се уште поблиски, сега се верени и ја очекуваме нивната свадба следна година. Ете, лошото знае да донесе и убавини, а е особено драгоцено кога најмалку го очекуваш.”
„Како можноста за проектот и запознавањето со тебе, пример“ – рече Ирис, намигнувајќи со едното око. ,„Искрено, не очекував толку големи промени да доживеам последните неколку месеци. Од секогаш бев срамежлива, несигурна. Сега ми кажуваат дека на сите им сум била непрепознатлива. Малку чувствувам некој страв дека се менувам премногу, а пребрзо.“
Невена се насмевна, препознавајќи ја тежината на зборовите кои ги слуша.
„Ирис, возможно е да напредуваш како човек и сепак да останеш верна на тоа што си длабоко во себе. Сите ние, јас, ти, луѓето во авионот, умееме да имаме почит кон сите луѓе кои некогаш сме биле и сепак да продолжиме да се развиваме. Сега ти е времето. Не барај дозвола за полетување- само летај.“
Вистина е дека секоја голема одлука создава бранови, како огромен камен, фрлен во вода. Брановите се спојуваат и се враќаат кон брегот на непредвидлив начин. Колку е потешка одлуката, толку се поголеми брановите, а толку и се понеизвесни последиците.
Но, Невена беше сигурна дека овие се бранови кои треба, кои мора да ги направат. Дека овие бранови ќе ги однесат таму каде што треба да одат, таму каде што ќе припаѓаат. Дека нема да бегаат од работите, но ќе ги искусуваат.
Кога слетаа, асистентите повторно ѝ помогнаа на Невена да се врати во количката. А, кога излегоа надвор, виде како нејзините пријателите ја чекаат. Во истиот момент ѝ се фрлија во прегратки, маичките им се натопуваа од солзите изленани од чувство на блискост, кое не може да биде уништено од растојание или време. Гледајќи ги од страна, Ирис си помисли како љубовта е облик на надеж, и како надежта, љубовта останува и е најистрајна. Доаѓа пред и над сѐ.
Георгина Коминовска
Автор на блог - серијалот „Шарени различности“