„ Кога и да се соочиме со тие интензивни моќни зборови… тоа се ефектуира врз психата и духовноста, неверојатно брзо.“ – Марк Твен
Ден 1 – Го опуштив гардот
Одлучив дека во самоизолација после 9 дена нема да се заразам од сопругата. Но, погрешно. Спуштањето на замислениот, одбранбен ѕид, никогаш никому не донел ништо добро. Првиот момент кога ќе дозволите Вашиот ум да не посветува внимание на секојдневните обврски или зацртаните планови, сите, апсолутно сите механизми на одбрана во телото замрзнуваат.
Вечерта веќе бев со покачена температура. Стигнав и до 38.7 целзиусови степени. Парацетамол 1х8 часа.
Во муабет со сопругата настапував убедено дека можам да се справам, дека ова нема да биде тешка битка. Длабоко во себе го чувствував тоа. Си велев, па Господ не ме создал и ставил во ваква положба за да го загубам своето постоење во овој живот на банален начин, од вирус за кој никој не знае точно од каде потекнува, ниту знае како точно и ефективно се лекува. Не, ни вакцината не лекува, вакцината штити на одреден период, за тоа треба да сме сите свесни! Фактот дека кај одреден процент, во суштина огромен процент, вирусот е без или со лесни симптоми, што е доказ дека организмот има моќи на исцелување.
Цела ноќ интензивно препотување. Мојот одбранбен систем го започнува жустриот одговор на она што ни ги изгнаси и измести животите повеќе од година дена.
И, кога сте искусен во бројните борби на здравствено поле, тогаш треба да ги препознавате и фазите на боледување. Тоа ви го олеснува и појаснува процесот на исцелување, согласно Вашите познавања, ќе ги прифатите фазите или пак ќе се самоубедувате дека Вашата болка е најголемата болка на светот. Од тука до стравот Ве дели само пола чекор, а од стравот до влошување на Вашата состојба денови, можеби и часови. Верувајте, јас тоа добро го знам. Но, тоа не е предмет на оваа читанка.
Кога ќе испотите минимум 4, 5 маици, кога ќе испиете минимум 1-2 литри течности во тој период, или 3-4 литри во текот на денот, тогаш Вашата битка е олеснета. Но, тоа мора да оди паралелно на Вашата дисциплина, одговорност кон Вашето тело и смиреност на духот. Вербата во својот организам е начело кое предодредува дали ќе се справите успешно и колку што е можно подобро.
Секако тука предуслов се Вашите потни жлезди, да функционираат умерено уредно(да, некои луѓе ја немаат таа способност или пак се ограничени од нивната здравствена состојба).
Течности, суплементите – но по потреба и во консултација со лекар, храната, пред се во течна форма, малку зачинета со свежо мелен пипер и лимон, како и цедените природни сокови, како и смутиата се неприкосновени за извојување успех. Препорачувам срдечно!
Ден 2 – Утро без температура
Како и секое утро, пиење на гладно лажица оцет со мед и со млака вода на гладно. Оцетот од јаболка секако, најубаво во сопствено производство, доколку е можно. Не ви пречи да најдете некое диво дрво со јаболка од кое ќе произведете доволна количина за целото семејство. Секако и тука треба мала претпазливост кај оние со проблеми со варењето и стомачни тегоби.
Утро без температура, после цела ноќ покачена температура телото се чувствува како по битка во ринг со Мајк Тајсон. Освен ако си ги познавате фазите на исцелување, како што споменав погоре. Кога ја познавате оваа фаза, тогаш е полесно, прифатете ја, ќе потрае, но ќе помине.
Вратете се на вториот дел од Ден 1. Течности, суплементи по сопствено увидување, храна, цедени сокови и смутиа и така во круг.
Почнува да се јавува блага кашлица. Фазата која делува најстрашно, нели медиумите тоа ни го пренесуваат на секојдневно ниво? Но, јас му верувам на својот организам. Го бодрам, го гушкам и му повторувам дека го сакам и сум му благодарен што ќе се избори со ова непознато нешто.
Од почетокот на пандемијата наодите на плуќа и кашлицата се најспоменувани во медиумите. Нажалост и најсликовити за да создадеме перцепција за нашата состојба. Негативна, нажалост.
Но, повторувам, треба да ги познавате фазите на исцелувањето. Температура, кашлица како пропратна, ако ништо друго од дразнење на грлото, слив на спасителната нативирусна слузница од носната шуплина кон грлото или едноставно поради иритација од инхалациите.
Инхалација! Ова е најкорисниот изум во историјата на медицината. Природната секако! Со само неколку капки прополис, евентуално – но неморално – есенцијално масло од диво оригано или лаванда, еукалиптус или само морска сол(доза од две лажици) напредуваме во исцелувањето за еден чекор во истиот момент. Има уште чекори, десетици, десетици, но дел од нив е и инхалацијата.
И повторно течности, храна, цедени соколи или смутија и суплементи по свое увидување, да не се повторуваме!
Вечерта повторно се појавува температура, 37.4 степени. Парацетамол превентивно.
Цела ноќ потење, но дупло помалку во обем од претходната ноќ.
Течности во големи количини. Литар до литар и пол преку ноќ и сабајлето. Најголемата несреќа што може да ја искусите е да дехидрирате. Телото неминовно ќе колабира, давајте му го неопходното!
Денот го завршив со комбинациски кратки ладно/топли туш-млазови. Не секој е предодреден и го може поради својата здравствена состојба. Бенефитите од оваа постапка се неверојатни и за тоа има студии кои го потврдуваат делотворниот ефект врз циркулацијата, врз општата здравствена подготвеност и спремност на организмот во битките како оваа.
Ден 3 – Пост-температурен период
Второто утро без температура е како битка во ринг со Мајк Тајсон на сонце и 40 степени топлотен бран. Ем малаксани, ем се потите неконтролирано. За мене оваа фаза е најнепријатна. Кога телото полека еден по еден механизам си ги враќа во свое владение. Се потиш неконтролирано, а сепак се чувствуваш умерено стабилно.
Продолжувам да верувам во мојот одбранбен механизам. Сеуште го сакам, го љубам и му се заблагодарувам на мојот организам.
Не споменав дека ни еден ден не ги испуштив моите вежби за истегање, јога и вежби за дишење со медитација сам со себе, во апсолутна изолација. Секое утро без исклучок!
Забележителна промена на расположение и наплив на енергија по секој оброк.
Легнувам без температура, со одлично расположение и позитивна мисла. Иако утре ме чека тестирање на КОВИД-19 во мојот организам.
Ден 4 – Ослабеност, мала психо-физичка раздразливост
Она што е за очекување е да намалите телесна тежина, на телото ќе му биде потребно да има убрзан метаболизам и размена на материи во случај да внесувате повеќе течности и храна, како и суплементи. Но, тоа е нешто што ќе го надокнадите откога целосно ќе закрепнете.
Се изгледа добро, мала малаксаност, но не неиздржлива или неподнослива.
Не заборавам на истата дневна рутина, утрински вежби, течности, лесна исхрана, суплементи.
Мала зашеметеност, болки во грбот, но нека не Ве чуди ако го чуете и тоа, кога имате тенденција повеќе да лежите за да закрепнете, тогаш и нормално е плеќите да страдаат. Ние не сме создадени исклучиво за лежење, тоа е еволутивен факт.
Денот 4 има чуден тек, но знам дека следува ден 5. Следната фаза е кулминацијата во боледувањето, со најмногу симптоми и промени, де на расположение, де на чувство на малаксаност, болки во одредени делови на телото, слабост.
Ден 4 ме прави нервозен, исто како и ден 3. Но дишам длабоко, пробувам да си делувам со позитивна мисла, позитивни тв-содржини, музика, мало размрдување низ танци и муабет макар и онлајн.
Денот 4 ќе пројде, како и секој претходен и секој нареден ден. Тоа е тркалото на животот, бидете храбар и биди опуштен.
Ден 5 – Денот на кулминацијата
Иста рутина, но борбата во текот на денот поинаква – од кревет. Не, немам огромна малаксаност, подносливо и погодно за извршување на некои обврски. Денот го поминувам во хоризотнална положба, но работно.
Исто како и ден 4, утрински вежби, течности, лесна исхрана и суплементи.
Денес следи пореметувањето на сетилото за мирис и вкус. Чудно, но веќе преживеано пред една година, точно ова време, кога Ковид само што беше на повидок. Долги денови се мачев(тогаш!) и ме фрустрираше, но реално тоа е последното нешто што требаше да го правам, фрустрацијата не помага на оргаизмот, напротив го оптеретува.
Не дозволувајте да Ве обземат мислите, сетилата се враќаат кај 100% од оние кои заболуваат, прашање на време. Потребно е да си го дадете тоа време на себе и својот организам.
Продолжете да верувате во Вашиот организам и одбранбените механизми.
Сувата кашлица знае да го мачи грлото и плуќата, но тоа веднаш не мора да значи дека вирусот се спуштил во белодробните крила. Напротив, тоа не е случај во мнозинството од случаи. Дишете како што Ви дозволува организмот, како што посакува тој, не како што Вие ќе се трудите да му наметнете, верувајте тој знае подобро од Вас. Само опуштете се, кашлањето ќе варира во текот на денот. Можете да си олесните со пиење боров конценрат, најубаво домашен.
И повторно ова е фаза која е позната за мене, не дозволувам да превземам контрола, оставам на мојот ценет организам – совршената и од Бога креирана машина да си ги врши своите функции.
Температурата замина во историјата, можни се диспропорции во температурата надолу од 36.6, па може да се чувствувате како да имате покачена, но не грижете се и тоа е дел од процесот на исцелување. Не мора да ја знаете причината, причината ја знае само Вашето тело.
Ден 6 – Денот на пресрвтот
Кога чувствувате дека полека вирусот е совладуван од телото, но не до крај. Тогаш и само тогаш треба да останете присебни. Следете ги сигналите од организмот. Не носете пребрзи одлуки ниту заклучоци, сеуште е рано. Не си велете сега му е мајката да бидат хиперактивен за да можам да го совладам. Оставете го организмот да одмара. Работете ако морате, но во хоризонтална положба, седнати или полулегнати во временски ограничени интервали. Дајте му шанса да возврати.
Непроменето, секојдневна рутина. Ако сте решиле да го започнете денот со вежби, не отстапувајте, но странете од оптеретување на организамот.
И како што е редот, за време на медитацијата визуелизирајте како е да сте здрави, која емоција ве обзема, како би се чувствувале, што би правеле, со кого би биле, каде би биле. Осетете ја таа убавина, емоции, позитива. Верувајте дека ова ќе ви помогне. Секој ден неколку пати. Научно докажано!
Храна, суплементи, течности, смути и природни сокчиња.
Одмор, љубов кон телото, кон белодробните крила, кон себе, кон целата фамилија, земја, универзум. Љубовта ќе не избави од секоја несреќа.
Цврста воља и благодарност до организмот и неговите совршени механизми и процеси за сузбивање на страни непријателски тела.
Дури и цел ден да Ве мачела кашлицата има тест како да проверите дали таа е реално и произлегува од плуќата или пак само од надразливоста на грлото, носната шуплина и сливот на слуз по грлото. Не прерипувајте кон најтешките заклучоци. Не мора да е така. Тоа се фазите на исцелување. Јас тоа го знам од долгогодишно искуство и предизвици со здравјето.
Ден 7 – Осетна промена, слобода на телото, умот, сетилата
Еднонеделната борба со симптомите згаснува. Останува кашлањето.
Се враќа мирисот и вкусот, за 10-15%, но и тоа е прекрасно. Кафето на мирис и вкус почнува да добива форма и смисла. Видете каков беспрекорен уред е нашето тело, немаме вкус и мирис, но ја чувствуваме топлината или студот, за да не се повредиме. „Аха, ќе ги запрам мирисот и вкусот, но само на кратко, на неколку дена, недела, две, за да можам да се справам со другите симптоми, а на нив ќе се навратам кога ќе завршам со приоритетите. Ќе издржиш тоа време другарче, мој господару.“ Ќе издржиш! Ти можеш, ти имаш сила и смиреност во себе. Само уживај во процесот, животот е пред тебе, верувај дека по завршување на оваа епизода ќе го осетиш во други димензии. Дозволи си го луксузот да останеш по малку осамен, со себе и мислите, но и да се предадеш на механизмите од организмот.
Ќе ти се јават службени медицински лица и ќе те распрашаат и за симптоми, за чувствата, за контактите. Не грижи се, тоа е за добро на другите и за твој внатрешен спокој и мир. Ти си одговорен за себе, но и за општеството. Исцели се и не загрозувај нечиј кревок организам, нечии или свои дедо, баба, роднини, пријатели, лица со потешкотии и хронични заболувања.
Ќе ти издадат и документ за тоа дека си позитивен, а потоа матичниот доктор ќе ти одреди мерка-изолација од одреден број на денови. Колку денови, толку шанси за тебе, за себе-почит, за себе-развој, за љубов, за рефлексија на тоа какви убавини ни претстојат во животот.
И ќе ти летне и овој ден, можеби полека, но ќе летне, ќе помине, како и сите претходни. Наредниот ден ќе биде полесен од овој! Секој нареден е полесен од претходниот, нека не те залажуваат вестите, нека не те мами внатрешниот глас. Твојот организам е помоќен од него, а твојата мисла може да има исцелувачка моќ.
Верувај во себе и верувај во убавото утро.
Ден 8 – Вирусот е на излезна врата
Денот кога не се грижам за ништо. Вирусот е веќе заминат од мене, тоа го чувтсвувам. И продолжувам да го сузбивам со истите начини, методи.
Утрински вежби, медитација, храна, суплементи, течности.
Одморање, но со малку поголема проактивност, вклучително домашни и лични обврски.
Она што го приметив е дека драстичната промена во борбата со останатите симптоми како малаксаност и кашлица се сведува на индивидуално, интуитивно ниво. Тоа што му треба на организмот. Јас одлучив дека е време за последната фаза, протеини, масти и глутен. Секако во ограничени количини. Видете, на вакцините им се потребни протеини за да создадат антитела. Нема ништо случајно. Паста со брокула, и сос во два оброци. Чај од мајчина душица.
Вкусот се враќа со големи чекори, мирисот не толку.
Уште една работа која ја забележав е дека и вкусот и мирисот флуктуира, еден ден е подобар, наредниот малку послаб. Што значи дека и тој може да се управува, да се потисне и да се совлада. Тоа не е состојба која е мачна или безизлезна. Не ве држи за да не ве пушти. Едноставно организмот е малку загубен, помогнете му. Инхалации, етерични масла по свое увидување, чај, течности.
И секако господарот на сите методи – комбинираниот топло-ладен туш. Разликата, бар за мене е огромна. Свежина, циркулација, свесност и психолошка опуштеност.
Понатаму цврсто му верувам на организмот, но сега и неколкукратно го мотивирам, поттикнувам и инспирирам да се бори до крај. Оваа битка е наша битка. Го сакам и му благодарам, секое утро тоа му го повторувам.
Те сакам, ти благодарам!!!
Ден 9 – Крај за еден страшно опишуван вирус, за некои и изговор да не десоцијализираат?!
Нов ден, нов квалитет. Наполно нов ден, како никој претходно. Се чувствувам речиси здрав, кашлицата сведена на 10-20 % од претходно. Ретко и да се закшлам, дури и при вежбање. Ова е денот во кој сите механизми се во контрола на мојот организам. Ова е крајот за ковидот во мене. Му мафтам во мислите, го нема, не му дозволувам веќе воопшто да биде, да постои. Моето тело и дух ме следат во таа намера.
Навечерината се поткашлав, навидум знае да делува чудно овој вирус. Невозможно е да ви се менува вкусот и мирисот во текот на едно деноноќие. Невозможно и необјасниво е. Сабајле да осеќате вкус, навечер повеќе мирис од вкус.
Потсуредете ги мислите, работете на себе и правете го она што мислите дека ви помага. Не обесхрабрувајте се. Правете го тоа со повеќе начини, методи, активности. Полесно ќе ви биде и Вам и на организмот.
Јас ќе се осудам да кажам, според мене и мојата интуиција: готово е!!!
Ден 10 – Иста рутина, истиот живот, крајот на вирусот се надзира!
Остатоците од симптомите ќе ги решавам со силата на мојот ум и телото.
Преостанува само да ја провериме крвта и Д-димерите. За чиста мира. Тогаш ќе може да ја завршам мојата авантура.
Приквечер пристигнаа резултатите од крвта: добри, мала промена во леукоцити, лимфоцити, покачена седиментација. Аполутно за очекување. Димерите во граница.
И за ова, како и за секое животно искуство благодарам на Бога, благодарам за секој нов ден. Ова искуство ме направи посилем, подобар и посреќен човек!
__________________
Ковид-19 е вирус кој ни од блиску не напаѓа слино на грипот, но доколку сериозно и спремно го дочекате, а потоа го нападнете со сите можни арсенали, ќе ви делува послаб во интензитетот од грипот. Не дозволувајте вирусот да ја превземе контролата врз Вашиот организам, а најмалку врз Вашиот ум. Тоа е советот кој ни фали од докторите изминатата година – да не советуваат како да се справуваме и превенираме вирусни инфекции, наместо да ни кажуваат дека единствени решенија за нас и најблиските се маските, етанолот, дистанцата, изолациите и полициските часови!
* Овој текст е од информативен карактер и би било неодговорно од моја страна да советувам да го користите мојот дневник како план за справување со овој вирус. Сепак, треба да ги познавате сопствените капацитети, сопственото тело и имунитетот за да можете да го одредите нивото на психолошка и физичка подготвеност и соодветно на тоа да одлучите на каков начин и со какви средства ќе се борите во овој предизвик. Секако, во тесна комуникација со Вашиот лекар.
** Откога ќе помислите дека ова е приказна на некој што може да кажува „гачки“ само придодајте ги на тоа овие факти: јас сум лице со попреченост, со ограничена циркулација и проблеми со перисталтика и варење, од неодамна дијагностициран и со синдром на иритабилен колон и долгогодишен пациент на клиниките за неврохирургија, урологија, физијатрија. И да, и покрај сите наведени состојби, во битката со Ковид-19 сум се третирал со погоре наведените домашни методи, надополнети со физичка активност и работа на психолошкиот баланс.