Пребарај

Пазар на трудот без бариери: Возраста, стереотипите и пристапноста како клучни предизвици – резултати од истражувањето

Истражувањето имаше за цел да ги идентификува предизвиците и стереотипите со кои се соочуваат младите лица, вклучително лицата со попреченост при пристапување на пазарот на трудот, како и да ги поддржат службите и организациите одговорни за вработување и мотивација на вработените да одговорат на овие потреби на соодветен начин.

Во рамки на проектот „Зголемување на атрактивноста на пазарот на трудот преку професии без граници“, предводен од Здружението Икуалити, беше спроведено истражување за трендовите, бариерите и предизвиците со кои се соочуваат младите, жените и лицата со попреченост при вработување.

Истражувањето Анализа на трендовите, предизвиците и бариерите во процесот на вработување“ се состоеше од два прашалника – еден насочен кон компании од повеќе сектори (земјоделство, туризам и угостителство, циркуларна економија, текстилна и автомобилска индустрија, прехранбена индустрија и др.), и втор кој го опфаќа искуството на младите, жените и лицата со попреченост. Анализата ги опфати Скопје, Битола и Кавадарци, а прашалниците беа дистрибуирани преку мрежата на Здружението Икуалити и дополнителни контакти од комори и асоцијации, со цел зголемување на репрезентативноста.

Наодите укажуваат дека почетното пристапување на младите на пазарот на трудот е отежнат: компаниите најчесто преферираат вработување на лица од 26–35 години (69,2%), додека групата 18–25 е помалку застапена. Најизразената перцепција кај младите е дека „се бара исклучиво искуство“ (30%), што создава чувство на ограничени шанси за почетници.

Кај лицата со попреченост се забележува јаз меѓу стратешките начела и реалноста: 76,9% работодавачи сметаат дека нивниот сектор е погоден за ангажирање на оваа категорија граѓани, но во 56,5% од компаниите тоа сè уште не е применето. Причините најчесто се поврзани со недостиг на кандидати, природата на задачите (теренска/физичка работа, машини, патувања) и недоволно прилагодени позиции.

Во однос на еднаков третман и застапеност, се издвојуваат структурни дисбаланси по сектори (автомобилска 70% мажи, преработувачка 75% мажи, текстилна 70% жени), проследени со стереотипи за родителството и напредувањето (по 19%), како и бариери поврзани со пристапност и правичност (по 16% недоволна пристапност/„врски“).

Компаниите како предизвици за флуктуација ги наведуваат конкуренцијата, иселувањето, сезонските миграции и недостигот на експерти, но истовремено посочуваат и позитивни практики: можности за професионален раст и развој, програми за пракса како почетна точка за млади пред вработувањето, пофлексибилно и балансирано работно време, како и пристап што го вреднува ентузијазмот и потенцијалот, а не само претходното искуство.

Истражувањето ја истакнува потребата од мерки што ќе го олеснат пристапувањето на младите, ќе ја намалат улогата на стереотипите во кариерниот развој и ќе ја унапредат пристапноста и прилагодувањето на работните позиции, со цел еднаквите можности да се применуваат во пракса.

Целоснoто истражување е достапно на следниот линк:

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.