Пребарај

Икуалити го означи почетокот на проектот INCLUDE – За поголемо учество на лицата со попреченост во демократските процеси

На 8 мај 2026 година, во просториите на Здружението Икуалити во Скопје, се одржа почетниот настан на проектот „INCLUDE – Инклузивно лидерство и демократско учество на лицата со попреченост“, кој има за цел да поттикне поактивно учество, лидерство и застапеност на лицата со попреченост во општествениот и демократскиот живот.

Настанот обедини лица со различни видови попреченост и нивни асистенти, кои имаа можност да се запознаат со проектните активности, да разменат искуства и да дискутираат за предизвиците и можностите за поголемо вклучување во процесите на донесување одлуки на локално ниво.

Преку презентација на проектот, координаторката Ружица Стојановска ги претстави планираните активности, целните групи и очекуваните резултати, со посебен акцент на развивањето лидерски вештини, самозастапувањето и создавањето можности лицата со попреченост активно да влијаат врз одлуките што ги засегаат.

Од присуство до вистинско учество

Централен дел од настанот беше отворената дискусија посветена на бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост при учеството во јавниот живот и локалните демократски процеси.

Учесниците споделија лични искуства и предлози за подобрување на постојните практики, посочувајќи ја недоволната физичка и комуникациска пристапност, ограничените можности за вклучување во јавни консултации и недостигот од навремени и пристапни информации како дел од клучните предизвици.

Посебно внимание беше посветено на улогата на локалните самоуправи и потребата од воспоставување редовна комуникација, консултации и соработка со лицата со попреченост и граѓанските организации.

Во дискусијата беше истакната и важноста од практични обуки за лидерство, комуникација и застапување, кои ќе придонесат за поголема самостојност, видливост и активно граѓанско учество.

„Ништо за нас без нас“ беше водечкиот принцип на средбата, потсетувајќи дека вистинската инклузија подразбира лицата со попреченост да бидат препознаени не само како корисници на услуги, туку и како активни граѓани, лидери и рамноправни учесници во креирањето на политиките и одлуките.

Со овој настан Икуалити го започна националниот дел од проектните активности, кои во следниот период ќе опфатат истражувања, фокус-групи, консултации со институции и засегнати страни, развој на практични алатки за инклузивно претставување, како и активности за јакнење на лидерските и застапувачките капацитети на лицата со попреченост.

Проектот INCLUDE се реализира во рамки на програмата Граѓани, еднаквост, права и вредности (CERV) на Европската Унија, во партнерство со седум организации и институции од шест европски земји.

Преку INCLUDE продолжуваме да создаваме простор во кој гласот на лицата со попреченост не само што ќе биде слушнат, туку ќе има и вистинско влијание врз одлуките што ја обликуваат нашата заедница.

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.