Во неделите после нивното запознавање, Ирис и Невена ја поминуваа секоја минута заедно. Пополека, но сигурно, заедно ги откриваа своите специфични особини и скриени страни.
Немаше простор за враќање назад; меѓусебно почнаа да се гледаат како сестри. И двете беа многу возбудени за Фестивалот на инклузија, а кога дојде денот, шарени бои од рефлекторите беа првото нешто кое го забележаа, паркирајќи го автомобилот покрај паркот во Кисела Вода.
,,Тука сме!”- возбудено викна Ирис.
,,Види колку интересно го осмислиле концептот. На отворено, во природа, баш е убаво.” – рече Невена, насочувајќи го погледот кон влезот на паркот.
,,Ајде да одиме, земи ја количката одзади и помогни ми да ја наместам. Повлечи го прво јаженцето одзади наслонот за да се отвори и после стави ги
тркалата.”
Ирис ја зеде количката и направи токму како што ѝ беше посочено. Успеа да ја склопи и тргнаа кон паркот.
Сцената беше наместена, а виде неколку девојчиња кои се спремаат за настап. Се слушаа еха од музика по нивен вкус - популарни песни од македонската музичка сцена од рани 2000-ти.
,,Дојди да разгледаме што има наоколу и потоа ќе застанеме пред сцена да го гледаме настапот, може?”.
Се насочија кон штандот со рекламни материјали каде беа пречекани од две девојки.
,,Види ги алките…” – рече Ирис. „Сакаш да си земеме по една?”. Ирис избра розева, Невена жолта.
Додека ги ставаа на рака, покрај нив помина една мајка, туркајќи ја инвалидската количка на син ѝ и уште едно мало девојче кое стоеше покрај неа.

,,Гледај мама, и девојчето има количка како мојата.” - рече момчето, насочувајќи го погледот кон Невена и внимателно гледајќи ја црвената линија на работ од тркалата.
,,Здраво” – викна Невена, насмевнувајќи му се на детенцето. ,,Како се викаш?”
,,Давор.” – одговори тој, малку засрамен.
,,Јас сум Невена, а ова е другарка ми Ирис.”
,,Од кога имаш количка?” – праша Давор со очигледна желба да дознае повеќе за нешто што му е веќе познато.
,,Веќе неколку години. Многу се убави тркалата на твојата. Ти ли сакаше слика од Супермен да има на тркалата? Многу е привлечна, браво за изборот!”
До неа дојде малото девојче кое стоеше од страна на мајка ѝ и силно ја прегрна Невена.
,,Јас сум Лина, а ти имаш многу убава коса. Можеш и да ја носиш вака на страна како мојата.” – изговори девојчето играјќи со косата на Невена.
Ирис гледаше од страна, обземена од чувства на нежност.
,,Ќе одам да земам пијачки, може?”
Додека ги земаше пијачките, вниманието ѝ го привлече изложбата на фотографии од нејзина лева страна – ,,Запознавање и прифаќање.”
Забележа како мало дете ја прашува мајка си дали луѓето на сликите се болни или заразни.
,,Не, мило. Не се ни болни ни заразни. Тие само имаат поинакви потреби. Тоа не ги прави помалку луѓе од нас ниту значи дека треба да ги избегнуваме. Секој заслужува да е сакан и прифатен, нели? Погледни тука, гледаш колку е среќна девојката?”
Мајката објаснуваше со толку милостив глас, кој би можел да го омекне и најтврдиот камен. На сликата се гледаше како девојка со Даунов Синдром пее и игра на сцена. ,,Нели е убаво чувство кога гледаме како некој се смее? Сечиј живот е една комбинација, и добри и помалку добри работи. Да, добрите не секогаш ги омекнуваат лошите, ама тие лошите не смеат да го намалат значењето и важноста на добрите.”
Детето сконцентрирано гледаше со очињата во сликата.
,,Дојди мама, сакам да купиме маичка за да им кажам на другарчињата на училиште кај сме биле денес. Сакам да им раскажам за саксиите што ги правевме заедно со децата кои знаат знаковен јазик. И јас сакам да го научам”.
Ирис само внимателно го дослуша разговорот и благо се насмевна, повторно сфаќајќи ја моќта на кажаниот збор. Почна да размислува за сите можни сценарија од овој разговор.
Што би било ако мајка му на тоа дете почнеше да ги избегнува прашањата и ако кажеше - ,,Ќути сине, тоа не е за прашување и за гледање”? Тоа дете би имало многу поразлично гледиште кон луѓето со попреченост.

Се сети на сите пати кога имала такви разговори со нејзините родители, кога сето тоа уште ѝ било непознато, далечно. Колку е убаво тоа, си помисли – во непознатото може да се открие нешто извонредно. Во непознатото, ќе се откриеш и самиот себеси.
Кога тргна да се враќа назад кај Невена, тоа што го виде беше сигурна дека засекогаш ќе ѝ остане врежано во меморијата.
Малата Лина, кај Невена во скут, вртејќи се во круг заедно во количката и играјќи на музиката. Каква енергија постои во единството – си помисли самата. Ирис веќе го сеќаваше напливот на емоции предизвикан од сѐ што ја опкружуваше.
Претставата само што не започнала, а Невена и Ирис се доближија до сцената да ја гледаат инклузивната танцова преставата која следуваше. Виде три девојки со церебрална парализа како играа со танчерки од танцово студио. Девојките играа во беспрекорна хармонија една со друга, одвреме навреме интерпретирајќи прекрасни монолози низ емотивна приказна.
Во тој момент, гледајќи ги девојките како играат како едно, нивните срца испреплетени во танцот на чистата, непоколеблива радост, како да се стопија границите што ги разделуваа, оставајќи ја само прекрасната вистина дека она што не спојува е хуманоста и човечноста. Всушност, тие граници кои ги разделуваа, не ни постојат.
И за двете беше едно трансформативно иксуство кое ги понесе надвор од овој свет. Со солзи во очите, се погледнаа и сфатија сѐ што е искомуницирано, без потреба да се прозбори ни еден збор.
Ги склопија рацете во заеднички стисок, на начин кој опишува љубов – во секоја смисла на зборот.
Само се насмевнаа благо и ги затворија очите, сакајќи да го зачуваат овој момент засекогаш.
После неколку минути, Ирис погледна во флаерот во рака и прочита нешто за кое беше сигурна дека не е случајност. ,,Види што пишува. Здружението - организатор бара помошници за понатамошни проекти. Млади луѓе кои сакаат да направат промена во општеството. Каква среќа Невена, како е ова можно?!”
,,Не постојат случајности Ирис, сѐ е поради некоја причина, иако можеби сеуште не ја знаеме. Ќе дојде ден кога сѐ ќе има логика, од почеток до крај. Имај трпение и верувај во внатрешниот глас.
Сите сме различни луѓе во текот на животот и тоа е добро, треба да продолжиме да се развиваме и менуваме, сѐ додека се сеќаваме на сите луѓе кои некогаш сме биле. Нели?
Ајде, дојди да позборуваме со организаторот.”
Георгина Коминовска
Автор на блог - серијалот „Шарени различности“