Блескавата Ајфелова кула, Триумфалната капија, музеите на Лувр и Орсеј, безброј ресторани и мали, топли кафулиња кои можат да се најдат на секое ќоше на париските улици - така беа исполнети деновите на Невена, Ирис и нивните пријатели, Инес и Ѓорги.
Моменти испреплетени со искрени и срдечни разговори, споделување на искуства и запознавања со локалци кои им овозможија автентично вкусување на градот познат по љубовта. И вистина беше, магијата на љубовта, таа кон животот, ги следеше на секој направен чекор.
Спојувањето со Инес и Ѓорги ја врати Невена назад во училишните клупи каде лежат спомени кои ја обликувале во девојката која е денес. Со секој кажан збор и со секое навраќање во нивната заедничка историја, сите стануваа сѐ поблагодарни за убавината на нивното пријателство кое им било подарено.
Додека Невена се присеќаваше на минатото, Ирис ја насочи енергијата кон тоа што следува - проектот ЗЕН 2.0 Караван.
Веќе ја одржаа он-лајн инфо сесијата, а импресиите од истата на двете им остана во мисли. Со тие идеи легнуваа и се будеа, превозбудени за можноста да направат некоја промена, да помогнат на некој. Ги обземаше еуфорија за дадената можност, но во исто време и спокој дека се се одвива по план.

На вториот ден таму, седнаа да го пробаат познатото топло чоколадо во Angelina’s. Тројцата ѝ раскажуваа приказни на Ирис за нивните луди авантури како ученици во средно, сеуште емотивни дека повторно се заедно после долго време.
Додека Ирис подобро се запознаваше со Инес и Ѓорги, Невена размислуваше за тоа како животот е само една низа на подредени моменти. Размислуваше за силата која ѝ била потребна за не биде прогонувана од тоа што се изгубило, туку да е маѓепсана од тоа што некогаш било.
„Многу сме среќни што сте тука. Со нетрпение го чекавме овој момент да дојде и да имаме можност повторно да те видиме и да направиме нови спомени. Види до каде сме стигнале. Ние во Париз, вие правите промени во општеството. Кој би помислил дека ваков ќе ни биде животот”- рече Ѓорги, смеејќи се.
„Драго ми е што не ги послуша гласовите на тие кои те сожалуваа. На тие кои те направија малечка во нивните мисли. Секој ден им ја покажуваш твојата големина. Твојата сила. Упорност. Никој не е свесен колку сила треба да се исправиш после пад, а ти го направи тоа на благороден начин. Неизмерно сум горд на тебе. ”
Ѓорги беше оптимистот во нивната група. Тој што трча по непознатото, верувајќи дека на другиот крај ќе најде виножито. А и таков го сакаа. Всушност, сите се сакаа безрезервно, не бидејќи нашле начин да ги занемарат нивните несовршености, туку се сакаа токму поради нив.
„Од секогаш си била таква. Врзуваше луѓе околу тебе со искреноста и со довербата која им ја влеваш на остантите. Нашата врска е некршлива. Ние сме како небо и земја. Едната почнува каде што другата завршува. Ми фалеше човекот кој што сум кога сум околу тебе. Но, кога те гледам ваква, среќна и насмеана, знам дека можам да сум спокојна.” Го кажа Инес тоа и ја прегна силно, неможејќи да се воздржи ниту да поверува дека Невена седи пред неа, а Ирис само ја нишкаше главата горе-долу, во целосна хармонија со сѐ што се споделува.
Иако поминало толку долго време, Невена се присети дека некои работи никогаш не се менуваат. Помисли како Инес, девојка со очи без ориентален облик и лице на мало дете, Ѓорги, нејзиниот доживотен заштитник и навивач, и Ирис, со нејзината топла и чиста душа, се нејзино семејство и суштински фрагменти од нејзиното постоење.
Попладнето, се одлучија да направат пикник во паркот покрај Ајфеловата кула. Додека пешачеја низ патчињата, Невена ги забележа уметничките дела кои беа изложени од еден постар човек. Дедото, кој беше седнат на едно дрвено столче, имаше нежно плави очи кои светкаа со мудрост. Ги слушна дека зборуваат македонски и им се насмевна.
Невена се доближи кон него и му кажа здраво. Имаше нешто кое ја привлече накај него, некоја сила која не може да се објасни со научните закони кои владеат со природата. Почнаа да зборуваат и Невена дозна дека дедото бил роден во Србија и веќе долги години работел во галерија во Париз. Сега, пензиониран, сакал телото и умот да ги негува преку енергијата на толпата луѓе кои секојдневно поминувале покрај него. „Ајде, дедо, кажи ми, која слика си ја правел со најмногу љубов?” Невена го праша, заинтересирана за приказните позади уметноста.
„Сите се парчиња од моето срце, моменти кои сум ги делел со мојата жена, Тијана. Неа веќе ја немам, но засекогаш ќе ги чувам спомените во срцето. Таа ме направи човекот кој сум денес. Нејзината сила, нежност и амбиција ме донесоа во овој град и тука започнавме нов живот.”
Почна да ги ја опишува Тијана на таков начин што Невена се почувствува како таа да е таму, со нив. Со восхит го слушаа моќниот глас на дедото кој умееше да наслика живи наративи во возухот.
„Направивме дом од непознатото и пронајдовме светлост во темнината. Таа е мојата ѕвезда која уште свети. Ѝ ветив дека до последен здив ќе го работам тоа што го сакам, уметноста. А таа, секогаш ми велеше дека љубовта не е емоција туку ветување. Така и се покажува - со исполнување на тоа што е ветено.
Нејзината добрина не престана поради ниту еден предизвик. А во моите очи, нејзината убавина никогаш не го напушти нејзиното лице. Го посвети животот на хуманитарни цели. Ги згрижуваше сирачињата, им носеше јадење на луѓето од улица, правеше креативни активности со деца со попреченост, направи иницијатива за правење на патеки за лица со оштетен вид. Е таква беше мојата Тијана – магија во форма на човек.”
Издиша длабоко и на крајот рече: „Подобро е да имаш повредено срце отколку срце што е празно, нели?“
„Тоа е бесценето.” Тивко кажа Невена, нишајќи ја главата лево-десно. „Ќе го земам овој”, рече Невена, покажувајќи со прстот кон портрет од Тијана на кој се приметуваа црти насликани со искрена љубов, направени од некој кој се воодушевувал на секоја точка од нејзиното лице и секој прамен од нејзината виткана златна коса, налик на нејзината.
Откако се разделија, Невена почувствува нешто за кое мислеше дека засекогаш ја напуштило после несреќата – инспирација и желба да црта. Без да размислува, ја прати Ирис во најблиската продавница да ѝ донесе материјали. Се собраа сите во паркот, покрај нив стоеше музичар со гитара кој пееше стари француски песни, а околу нив луѓето танцуваа во хармонија. Почна да црта и не престана со часови.

Со секоја нова нацртана линија, енергија патуваше од прагот на моливчето до самата длабочина на нејзиното срце. И на таков начин, едноставно и некомплицирано, искрено и чисто, делче кое долго време го немаше, си го пронајде патот до дома.
Од време на време ќе погледнеше кон сликата од Тијана. „Има нешто во очите нели? Некоја милост и сила. Ми изгледа како борец.” Ирис, Ѓорги и Инес само ѝ даваа погледи на уверување без да ѝ се мешаат. Се почувствува целосна. Ја нацрта глетката пред нив, патот со дрвата и дедото седнат на страна. Го слика цртежот со телефонот и ѝ го прати на мајка ѝ Дона, знаејќи дека ќе ја сфати значајноста. Ирис го зеде телефонот и стана да направи една заедничка слика додека сите се смеат како невини деца, недопрени од суровоста на светот. Се погледна во телефонот и се насмевна. Можеби некој би рекол дека сликата е матна, искривена, неправилна, но за нив беше совршена. Како некој да создал нешто чија убавина е невидлива за очи.
Наеднаш, лицето на Ирис оддаде знаци на новодојдена инспирација. „Невена! Патеки за лица со оштетен вид како што правела Тијана! Може тоа и ние да го правиме со ЗЕН 2.0! Не верувам да ги има низ Скопје, а и да ги има, сигурно може да се подобрат или да се стават на повеќе места. Замисли колку може тоа да биде значајно за луѓе кои имаат потреба.”
Невена само кимна со главата и ѝ покажа блага насмевка која сама по себе покажуваше целосно разбирање. Издиша и затвори очи, препуштајќи се на спокојот на музиката и сигурноста дадена од нејзиното семејство.
Вистинската убавина на животот не се расплетува во прецизно испланираните нишки, туку во неочекуваното. Искуството со жена која никогаш не ја ни запознале, на Невена и врати дел од изминатиот живот, а воедно на двете им донесе инспирација за понатамошниот живот. Универзумот знае да се пошегува на таков начин понекогаш. Знае да нѐ смести токму таму каде што треба да бидеме.
Георгина Коминовска
Автор на блог - серијалот „Шарени различности“