Пребарај

Еден ден со Гере Трипков

Во текот на мај-јуни 2019 година Пркос не покани да дадеме свое видување за тоа како изгледа еден наш ден. Текстот ја отвораше серијата на над 20-тина текстови на лица со попречености, кои во октомври 2020 година беа издадени во збирка насловена „Еден мој ден“ . Го пренесуваме текстот во целост…

Од денес почнуваме со објавување серија текстови насловени „Еден мој ден“, кои ќе бидат напишани од луѓе со различни попречености. Целта ни е преку нивното перо за миг да ѕирнете во нивниот внатрешен свет и да го почувстувате. Стартуваме со луцидниот Гере Трипков и по принципот „продолжи понатаму“ го одбира(ме) следниот автор. Се надеваме дека ќе постигнеме лавина ефект и до крајот на годината ќе издадеме книга!

6:45 Се будам во шок. Отворам очи и бурно реагирам со секое сетило. Чувството дека нешто ми ги прегазува нозете е се уште свежо. За момент помислувам: тоа е добро, каков благослов, барем преку сон да осетиш дека некој те стапнува на нозете. Слушам тропот по ламинатот и се освестувам од шокот. Сфаќам дека тоа е нашиот домашен љубимец, Феликс, персискиот четвороножец со мустаќи, чиј ден одамна започнал.

7:00 Станувањето на еден параплегичар не е едноставно, но во споредба со лица со подлабоки попречености е поедноставно. Благодарам на Бога за тоа искуство! Секоја планина, своја тежина, ама и планините не се исти, веројатно затоа нема жив човек кој живее на врвот на Хималаите! Спазмите и грчевите се првиот предизвик, по предизвикот да ги наместам нозете во положба која ќе ми даде добра основа за да се префрлам в количка подигајќи се на раце. Количко, ти другару верен!

7:10 Конечно, успешно префрлање во количката, при што едната нога игра народни танци од 5 континенти одеднаш. Тремор или спазми се нарекуваат. Поместувајќи се со горниот дел од телото нанапред, подигајќи ја во вис или превиткувајќи ја во колено – тоа се техниките за стишување на нога, љубител на брејк-денсот. Следната станица, тоалет. Дооооолга проба за празнење на мочниот меур. Тоа е една од најголемите предизвици изутрината, за секој еден човек со попреченост (резултат на одземеност од половината нагоре).

7:20 Освежување на суратот и стругање на забниот каменец. Правец кујна. Доручекот, најбитна работа за добар почеток на денот. Секако, ова вклучува кришка, две р’жан темен леб, испечен по мој рецепт… Сите го обожуваме, но највеќе влакнестиот, неодолив персиски љубимец Феликс. Крајот го краси делото! А за крај, квалитетно еспресо, од средно-печени квалитетна зрна арабика, мелено во истиот момент. Каков божествен мирис кој се шири благодарение на топлината креирана при мелење на зрната. Мммм… Подготовка на кафе е ритуал, над ритуалите кој ретко знае да го ужива правилно. Секој божји ден е исто прекрасен. Уживањето е божествена работа, во деталите се состои убавината на нашето битисување.

7:40 Облекување. Една од најомразените активности кои се мораат. Но и во тоа пронаоѓам позитива! Параплегичарите и квадриплегичарите има предност пред оние без попреченост во оваа активност… Имаме времееее колку сакаме. Поточно немаме, но мора да го имаме. Вкупното време за спремање ми одзема најмалку 1 час во денот. Вклучително со другите тековни дневни, рутински обврски од 1:30 до 2 часа дневно. Дали Ти правиш нешто корисно овие 2 часа во денот???

7:50 Сите патишта водат кон работните обрвски…

8:00 -12:00 Без работа нема сабота. Но, што ќе ни е сабота, доколку работата не не исполнува и не се убедиме дека секој ден треба да ни е сабота? Размисли убаво!

12:00 Пауза за кафе, еспресо, кратко накај средно, во мала шоља. Ќе се повторам, но секој љубител на „црното злато“ ќе ме разбере. Ароматично и со густа пена! Неверојатно како тоа од печено зрно кафе,излегува под притисок од 9 и повеќе бари, есенција која е уште подобра од мирисот на самото зрно. Фасцинантно! Освен кога не е, кога некој бармен знае да го „укака“ со својата невештост или бидејќи не се чувствува исполнет, просветлен или вљубен во работата која ја обавува!

13:00 Обука за коучинг. Онлајн, на релација Скопје – Варшава со ментор по програма од Меѓународната коучинг федерација.

15:00 Ручек. Пожелно домашен, со стартер салата, супа добродојдена. Пола чаша домашно вино, интензивно црвено – виолетово или чаша вода. Водата е нешто кое секојдневно толку многу го потценуваме. А, штета!

16:00 Време за починка, релакс пред тоа што следи.

17:00 Рехабилитација. Микс од физички вежби, кинези и електро третмани. Музика – туш или туш и музика, секогаш одлична комбинација. Пеење под туш, на глас. Комшијата сеуште не се иселил, претпоставувам тоа говори за гласовните потенцијали, капацитетот на дијафрагмата. Басовите на најјако!

19:00 Сопружнички, брачни беседи или со други зборови „чекај, чекај, да ти кажам… И… А и…“. Кога имаш соодветен соговорник, ни говорењето за влијанието на росата врз развојот на популацијата на црвите вон периодот за размножување не е здодевно.

21:00 – 23:00 Работата го краси човека. Најубаво кога сите спијат, а ние сме сами… со компјутерот! Збор по збор, реченица по реченица, страна по страна. Велат, кога правиш нешто со љубов никоја сила не ќе ти се испречи до целта. Токму тоа. Иако е доцна, ми причинува задоволство подготовката на иновативна Програма за лајфстајл Coaching, CoSense (си дозволувам да кажам дека е трговска марка, која си ја заштитувам како интелектуална сопственост). Само прашање на време е кога овој мој проект, кој го олицетворувам, ќе стане реалност.

23:00 Припреми за исползување на скоро 1/3 од добата, за некои најубавиот дел од денот, кога ќе ја приграбат перницата со мирис на најблиската особа или на својот домашен миленик, кој ја чува додека не сме дома. Патем, сонот е единствено нешто во кое не сме приморани да правиме било што, а токму истата таа неактивност да не вдахне со живот и позитивна енергија. Космичка магија!

23:15 – Добра ноќ драга, изустено нежно, надополнето со бакнеж. Раката никогаш не заборава дека особата до мене заслужува да ја осеќа мојата физичка присутност, макар и држејќи еден прамен коса или врвот од еден од прстите на горниот ектремитет. Погледот кон осветленото небо над Скопје низ прозорците. Органот – сетило за вид, полека се предава во владение на темнината креирана од придружниците – клепките. Се станува небитно, незначајно, кога влегуваме во првата фаза на сонот. Поставките на битието – човек се деактивираат. Сами по себе. Животе, ма убав си!!!

23:20 Добра ноќ другарчиња!

За авторот

Гере Трипков е активист за правата на лицата со попреченост, креативец, Lifestyle Coach и магистер по меѓународни односи на Варшавскиот универзитет, каде запишува и докторски студии.
Неговото здружение „Equality“ Скопје, работи на етаблирање и соодветен третман на лица со попречености и е вклучено во иницијативи кои имаат за цел инклузија на луѓето кои припаѓаат на маргинализираните групи во општеството.
Работи како Lifestyle Coach, по програма на Меѓународната федерација за Coaching – Академија за Coaching SET (Полска).
Искуството во дипломатијата, работата во државни институции од највисок ранг, паралелно работејќи и во невладиниот сектор – креативни индустрии во последните 10 години, како и неговото лично искуство како лице со попреченост се соединува во карактерни особини на посветен човек во мисија за создавање трајни позитивни промени во општеството.

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.