Пребарај

Брендот ZEN* за адаптивна облека претставен на ViennaUP фестивалот за фирми во зачеток

Vienna Up фестивалот за претпријатија во зачеток, што се случуваше од 30 мај до 7 јули 2023 година, беше посетен од тимот на компанијата ЗЕН Футурус со цел разменување искуства, вмрежување и создавање перспективи за развој на брендот, но и проектите за промоција на правата на лицата со попречености на Здружението Икуалити.

Фестивалот организиран по втор пат од Бизнис Агенцијата на Град Виена(анг. Vienna Business Agency), се одржа на бројни локации ширум главниот град на Република Австрија и беше посетен од 15.000 учесници од сите континенти.

Програмските активности се содржеа од:

А) Настани од конференциски карактер, како Startup World Cup, Connect Day, Manufacture Day, Impact Days, Conference DACH,

Б) Настани специјално насочени кон компании во зачеток со цел финансирање како Pitch Day, CONDA Crowdinvesting, Let them Pitch,

В) Настани за вмрежување како Investors Breakfast, InnoDays, GINspiration, Cals/Storm Networking Party, Coffee Houses, Techstars Startup Weekend и настани за позитивни примери за промена и изложби, и

Д) CultTech Meetup, Maker Fair, The Future Ball, Snowball Projects Exhibit.

Основачот на ЗЕН Футурус фестивалот во Виена го посети во улога на претседател на Здружението за афирмација на лица со попреченост и основач на ЗЕН Футурус, социјалното претпријатие кое го гради својот бренд за адаптивна и функционална облека наменета за луѓе со хендикеп и за сите лица кои сакаат да изгледаат шик, модерно и чие дотерување не е фрустрирачко, туку едноставно и пријатно искуство.

Здружението Икуалити беше избрано за делегат на една од најпрестижните и највлијателните конференции за глобални промени – Impact Days, што се одржа во кралскиот замок Хофбург на 1 и 2 јули. На оваа конференција водачи на проекти и непрофитни организации од 50 земји имаа можност да разменат искуства, да добијат директна поддршка и шанса за идни соработки и да ги претстават своите иницијативи пред министри и претставници од австриската влада, претседатели на глобални иницијативи за промена, лидери на глобални организации и инвестициски фондови за позитивни општествени промени.

Во рамки на Impact Days конференцијата Гере Трипков ги претстави проектите за промени иницирани од Здружението Икуалити, како проектот CoSense, мултидисциплинарна програма за работа со лица со попреченост и лица од нивната најблиска околина, проект кој наскоро ќе биде проширен со потпрограмска активност за проактивен активизам за промени кај младите во Македонија и Балканскиот регион. Еден од водечите проекти инициран од Здружението, брендот за адаптивна облека за лица со попреченост ZEN*, беше претставен на Impact Days и останатите конференциски и вмрежувачки настани.

Остварени беа средби со претставници од Бизнис агенцијата на Град Виена, Австриската федерална банка за развој, промоција и финансирање на компании, претставници на австриската сцена за финансирање на општествено значајни иницијативи, како Fuse Banking, Ashoka, Mercer, Erste Social Banking.

ZEN*, претставен од основачот, беше дел и од завршниот настан на Хабот за мода – FABB, каде оствари средби со претставници на модната индустрија во Австрија, вклучително компании во зачеток, но и веќе препознаени брендови. Токму Impact Hub Vienna во соработка со Erste Group и ренормираниот Виенски фактултет за економија се со-основачи на наградата Social Impact Award, со која Здружението Икуалити во 2019 година беше наградено за CoSense благодарение на поддршката на Impact Hub Skopje и Шпаркасе Банка – Скопје.

Инспиративно и мотивирачки впечаток тимот понесе и по остварената средба со Анна Кунигседер, претседателка на Zero Project, глобална иницијативата за промовирање на проекти за подобрување на квалитетот за живеењето на лицата со попреченост, при што Здружението Икуалити беше покането да се пријави на значајниот годинешен ZERO Project повик со двата најзначајни проекти CoSense и ZEN*, обата непосредно наменети кон лица со хендикеп.

Посетата на Виена, со поддршка на Австриската амбасада во Скопје, беше искористена и за средба со службите на WienWork – Јавната иницијатива финасиски поткрепена од австриското министерство за социјални прашања, здравје и грижа и заштита на потрошувачите. Овој проект предводен од Кристоф Шрајнер е наменет за истите целни групи и имплементира проекти идентични на иницираните од Здружението Икуалити. Започнувајќи од јули 2023 година, тимот на Икуалити ќе започне со 2-годишен проект кој опфаќа менторирање на млади лица низ 5 општини во Македонија, како и коучинг за работно оспособување и промомвирање на лица со попреченост во рамки на бизнис секторот, како рамноправни и работоспособни единки, како и сите останати лица во општеството.

Виена, како центар на културата, модата и технолошките иновации предничи во регионот на Цетнрална Европа, пред се во поглед на напредната и далекусежно стратешки развиената сцена, по многубројните можности за поддршка при иницирање и/или надоградување на постоечките иницијативи, проекти, но и претставува град кој изобилува со богат културно-општествена понуда која ќе ги задоволи и најпребирливите љубители на искуства.

Тимот на Здружението Икуалити и ZEN* заминува од Виена инспирирано и мотивирано во новите предизвици и претстојните проекти за 2023/2024 година.

Во прилог е фото-галеријата. Неколку од фотографиите се од организаторот на Impact Days.

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.