Пребарај

Аеродром може да стане лидер во пристапноста? Состанок со градоначалникот

Вчера, во просториите на Здружението Икуалити, претседателот Гере Трипков одржа работна средба со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, посветена на прашања од особено значење за лицата со попреченост и за унапредување на пристапноста во општината.


На иницијатива на Здружението Икуалити беше предложено да се разгледа можноста за зајакнување на улогата на општинските власти во следењето и унапредувањето на квалитетното прилагодување и адаптирање на јавните простори, а во следна фаза и пошироко – во рамки на јавните институции, деловните субјекти и приватните објекти.

Што значи пристапноста?

Пристапноста не е привилегија, туку основно право. Таа значи можност сите да се движиме слободно, безбедно и достоинствено – лицата со попреченост, родителите со деца во колички, повозрасните лица, како и лицата со намалена подвижност.

За жал, ова право секојдневно е ограничено поради непристапни институции и објекти, узурпирани паркинг-места, недостиг од пристапни тоалети, непостоечки тактилни патеки за лицата со оштетен вид, неприлагодени шалтери, како и неуслужливи и понекогаш стигматизирачки услуги.

Како може тоа да се промени?

Промените се можни преку доследна примена и контрола на стандардите за пристапност. Тоа подразбира активно вклучување на општинските служби, урбанистите, архитектите и инспекциските служби во следење на решенијата за:

  • соодветна висина на рабниците и тротоарските пристапи,

  • пристапни пешачки и шеталишни патеки,

  • тактилни патеки за лица со оштетен вид,

  • звучни семафори,

  • прилагодени шалтери и услуги,

  • како и проектирање и обезбедување пристапни тоалети во сите нови, но и во постоечките образовни, културни и јавни институции, вклучително и мултифункционалниот културен центар што е во изведба.

Што опфаќа соработката?

Здружението Икуалити и Општина Аеродром ќе потпишат Меморандум за соработка, со кој ќе се утврдат начините на заедничко делување во насока на унапредување на пристапноста. Во рамки на оваа соработка, експертизата за примена на највисоки стандарди за пристапност ќе биде обезбедена директно од најзасегнатите лица, како и од стручни лица од Здружението и неговите меѓународни партнери.

Овој меморандум ќе претставува прв чекор кон воспоставување одржлива јавно-приватна соработка, а во понатамошна фаза и кон подготовка на суштински и стратешки документи на локално ниво. Целта е да се создаде успешен и применлив модел кој во иднина ќе може да се пренесе и во други општини.

Зошто токму Општина Аеродром?

Општина Аеродром е нашата матична општина и токму затоа сакаме тука, со силна посветеност и поддршка од градоначалникот и општинските служби, стандардите за пристапност да ги претвориме во реалност и видлив пример на добра практика.

Нашата цел е заеднички да изградиме подобро утре – уште денес. Општина по мерка на сите граѓани, а не само на одреден дел од населението. Општина во која никој нема да биде исклучен, занемарен или дискриминиран.

 

Икуалити е Здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост.