fbpx

Интервју за Гласот на Америка: Физичката попреченост го направила посилен

Текстот е позајмен од Гласот на Америка

Автор: Тоше Огњанов, 19 март 2021 година

Животот си поиграл со него, но падот со кој се соочил му дал дополнителен поттик да им покаже на лицата со попреченост дека можат да се изборат за своето место во општеството. Ова е поттикнувачката приказна за Гере Трипков, иницијатор на програма за личен развој.

„Ајде! Да ја пронајдеме најдобрата верзија од тебе. Ти подавам рака“.

Kojа е вашата најдобра верзија? Дали некогаш сте се запрашале кои се вашите цели, дали одите по вистинскиот пат, што да се прави кога секој ден доаѓаат удари од околината и општеството?

Одговорот на овие прашања се обидовме да го најдеме со Гере Трипков, покренувач на „КоСенс“, иницијатива за животно учење и мотивација за лицата со попреченост.

„Да вдахнеме кај овие лица нова сила, нова енергија, за да им покажеме дека нивниот потенцијал е тука за да ги инспирира другите и околината“, вели Трипков. 

Но, не само кај лицата со попреченост, туку и кај секого, потребата од мотивација, како што вели Трипков, е универзална. Особено во време на пандемија кога луѓето почнаа да се затвораат.

„Тоа што е проблем во денешното постоење, како што се покажа и со пандемијата, е што ние почнуваме да се изолираме, самите да си поставуваме бариери. Што е за нас прифатливо во однос со луѓето, како самите ние се гледаме во социјалниот аспект, како се гледаме во општеството?“, истакнува Трипков.

Додава, дека стравот е една од пречките да се осознаат сопствените вредности и да се одржи психичкото здравје.

„Еднa од најголемите зависности не се пороците, туку контролата. Првиот пат кога ќе ја изгубиме контролата, го губиме тлото под нозе. На второ место е стравот. Но, доколку ние ги прифатиме тие емоции како нормални, ако ги изградиме. Тогаш е полесно“.

Поттикот на Трипков да се сврти кон барањето на мотивацијата е всушност од непријатната игра што му ја приредил животот. Денес е во количка, но вели дека во таа трагедија, нашол светла точка.

„Сум имал можеби, така да се каже, убаво искуство. Да бидам лице без попреченост, а потоа и лице со попреченост. Ги знам двата света. Кога човек е во врвот и кога мисли дека може да постигне сè, кога неговото его е навистина на многу високо ниво. А потоа да паднете и работите да почнете да ги сфаќате поинаку“, вели Трипков.

Сепак, како што додава, токму таа состојба му дала мотивација да им подаде рака на луѓето што се соочуваат со егзистенцијални падови.

„Дојдов до сознание, преку самиот себе, дека ова е мојата мисија, дека треба да ја ширам позитивната мисла, дека секој од нас вреди, дека има своја мисија, своја цел и им помагам на луѓето тој потенцијал да го согледаат кај себе“.

Вели дека иако живеењето во денешно општество не е лесно, особено за лицата со попреченост, не треба да се изгуби желбата за успех.

„Една капка вода врз нас не тежи, но со текот на времето станува тежина што не можете да ја издржите. Мисија на сите лица со попреченост е да ги едуцираме другите дека животот на крајот на краиштата е убав. Ние сме примери за тоа дека животот е краток. Ние треба да бидеме инспиративна каписла“.

Одлучен е да ја спроведе својата мисија до крај, да ги урне општествените бариери и да го спои светот на лицата со попреченост со сите останати така што ќе ги поттикне да се запознаат подобро едни со други.

„Мене не ми пречат тие погледи, но треба да работиме напорно за луѓето да ги едуцираме на дневно ниво. Можеби имаме различни потреби, можеби денот ни изгледа малку различно, но на крајот имаме исти потреби, да бидеме сакани и прифатени“.

Трипков се движи по пат со препреки, но убеден е дека во скорешна иднина работите во општеството ќе бидат значајно подобри за лицата на кои животот им создал неочекувани сопки.

Информацијата не чини ништо, а неинформирањето може да чини и човечки живот!

Дали мислиш дека сме рамноправни?