Здружение Икуалити во соработка со Театар за тебе креираа инклузивна детска драмска група, која ќе им даде можност на децата со различни попречености да ги развијат своите таленти и способности, како и да се запознаат со глумата како уметност и преку заедничка работа со своите врсници да станат новите ѕвезди на драмската сцена.
Театар за тебе преку игра, креативност и хумор го поттикнуваат развојот на имагинацијата, социјалните вештини и културните навики кај најмладите. Преку вклучување на различни реквизити, сценографија и костими се стремат да креираат незаборавна и забавна атмосфера не само за децата, туку и за нивните семејства и пошироката заедница.
Инклузивната детска драмска група е отворена и пристапна за деца со било каква попреченост од 6 до 12 години. Часовите ќе се одвиваат секој понеделник, во просториите на Здружението Икуалити во Аеродром, започнувајќи од 15 септември.
Со поддршка од едукаторите и актерите од Театар за тебе и нивното долгогодишно искуство, децата ќе имаат можност да следат часови по глума, сценско движење, танц и сценско говорење, како и да научат да ја совладаат тремата и да ја развиваат самодовербата. Како дел од часовите, тие ќе можат и да се едуцираат на различни општествени теми преку едукативните работилници со поддршка од Здружението Икуалити.
Уписите за детската драмска група се веќе отворени, а пријавувањето е директно на мејл на teatarzatebe11@gmail.com или на телефонскиот број 075 262 903, најдоцна до 10 септември.
Оваа група претставува прекрасна можност за најмалите да ги унапредат своите уникатни способности, да создаваат вистински пријателства и заедно да креираат магична театарска приказна.