Во срцето на Општина Кисела Вода, во Домот за култура ,,Биљана Беличанец” и паркот кој го опкружува - Паркот Македонија, од 7 до 10 септември се одржа прослава на хуманоста, единството и прифаќањето, во рамки на Вториот фестивал на инклузија на тема ,,Културни инклузивни политики’’.
Фестивалот беше организиран од ,,Здружението за афирмација на правата на лицата со попреченост-Икуалити“, заедно со партнерската организација ,,Визија-Плус” и поддржан од Општина Кисела Вода.
Oвa, второ по ред издание на Фестивалот на инклузија, ја реализира својата мисија на поврзување на луѓето со и без попреченост и уште еднаш најживописно го докажа фактот дека во секое срце се крие безграничен потенцијал, поддршка, искрена љубов и емпатија.
Првиот ден, 7-ми септември, официјалното отворање го започнавме со доделување на благодарници до сите кои овозможија фестивалот да стане реалност, општествено одговорните компании – КБ Прво пензиско друштво, Халкбанк, Салвео, Денмак, Nova International School, што дополнително не поттикна да создадеме незаборавен настан и оставија незаборавни спомени во срцата на сите присутни.
Отворањето на фестивалот беше проследен со настап на откритието на македонската музичка сцена – Пајак, кој испрати моќна порака од Општина Кисела Вода и Град Скопје, дека вклученоста на сите е право загарантирано со сите натприродни права, дека музиката е одличен медиум за постигнување единство и разбирање, независно од возраста, потеклото и општествениот статус.
Во позадината на сцената и местото за публика, беа изложени уметнички фотографии на поставката на тема ,,Запознавање и прифаќање”, фотографски мемоари од архивите на Драги Неделчевски и Небојша Гелевски, кои целиот фестивал ѕиркаа кон сите љубопитни посетители.
На 8-ми септември, вториот ден од фестивалот, започна првиот дел од дводневната работилница за најмладите, цртање на тема ,,Што е среќа?”, под менторство на Соња Абаџиева. Убавата и смирувачка енергија која ја пружаат децата додека прават уметнички подвизи со нивните мали рачиња беа преточени на хартија во различни бои, форми, и несомнено со многу восхит и љубов.
Сите деца, со и без попречености, умеат заедно да другаруваат, кога не се оптоварени од надворешните предрасуди, докажа работилницата за цртање на тема среќа, но и работилницата за цртање и садење цвеќенца, во двата последователни дена, а предводена од Симона Трипкова и Тања Алексовска Поповска.
Децата во текот на ова попладне имаа можност и да научат балет под менторство на школата ,,БС Балерина”.
Вечерната програма на вториот фестивалски ден беше отворена со изведба на химна од инклузивен хор по повод државен празник, 8-ми септември, Ден на независноста. Децата од ОУ Кузман Јосифовски Питу, под водство на наставничката Вера Ангеловска, ја интонираа химната со толкување и на знаковен јазик, изведба за која градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски изјави дека била ,,Најубавата честитка по повод независноста на Македонија!”.
Вечерната програма на вториот фестивалски ден, го продолживме со незаборавно музичко доживување приредено од четири-члениот бенд Funk Shui.
Концерното музичко уживање беше проследено од проекција на филмовите „10 совети за учтиво однесување со деца со попреченост“, во продукција на Пркос, „Вклучи, не исклучувај“, во продукција на Плакарт и Икуалити и „Допир“, во режија на Стојан Вујиќиќ, во кои секоја рамка беше врежана со сведоштво за човековата моќ, мотивираноста и животните приказни на лицата со попреченост, оставајќи ги сите присутни со чувство на поврзаност и отворени срца.
Ден 2
Третиот ден, 9-ти септември, дечињата ги довршија своите цртежи на тема „Што е среќа“, ги засадија цвеќенцата во шарените саксиички, обоени ден претходно, и ги понесоа дома да се грижат за нив, како симбол на нивото пврзување со природата.
Веднаш потоа, како окончување на пладневната програма следеше забавното шоу со Дарко Ѓурчиновски.
Вечерната поргамата ја започнавме со отворање на изложбата на 40-тината детски цртежи од работилницата „Што е среќа“.
Ги проширивме и инспириравме присутните и учесниците за различните гледишта кон процесот на вклучувањето на инклузијата во општеството, гледано од аспект на образовни, културни или урбанистички аспекти, во рамки на панел-дискусијата на тема ,,Колку ресурси се потребни за општината да биде инклузивна”, во која учество земаа претставници од Општина Кисела Вода, Општина Аеродром и од Танцовото студио – Еурека.
Забавниот дел од вечерта го започнавме со извадок од инклузивната танцова претстава „Пепелашка“, во изведба на Танцовото студио „Еурека“ која ни ја покажа моќта на едиственоста, хуманистичкиот пристап во културата, дека луѓе со попреченост можат да бидат вклучени активно и успешно, само и само ако им се пружи можност. Претставата ги остави присутните со солзи во очите и ги мотивираше да и дадат шанса на длабоката емоција дека сите сме луѓе и иако различни – ние сме талентирани и способни на свој оригинален начин, како дел од целината наречена општество.
Овој фестивалски ден продолжи со ретро музичка забава со хитови од 90-те – 2000-те години, која започна со концерт на еден од најпознатите музички уметници, Ламбе Алабаковски, а потоа во продолжение со ДиЏеј Нико до полноќ.
Playlist
Овој фестивал, по првото издание во Општина Аерoдром, и овој пат во Општина Кисела Вода, докажа дека го поттикнува чувството на единството, ја промовира моќта на човечкиот дух и безграничниот потенцијал што постои во сите нас.
Освен чудесните спомени, со себе ќе ги носиме и непоколебливото верување дека заедно можеме да направиме свет, каде секоја индивидуа е почитувана и секое срце е слободно да танцува во својот блескав ритам, неоддоливо прекрасно и за сите останати, кои на крајот ќе се приклучат на овој заеднички танц.
Во прилог погледнете ја ФОТО-галеријата.
Автори на фото-приказната: Ангел Ангеловски, Симона Трипкова и Фросе Левковска.